Јунајтед се избламира и во ФА Купот: Елиминација од Мидлсброу, Роналдо промаши пенал

Катастрофалната сезона на Манчестер Јунајтед дополнително се влоши откако „црвените ѓаволи“ се сопнаа на првата пречка во ФА Купот на Англија, губејќи на домашен терен од Мидлсброу. Пресметката на „Олд Трафорд“ беше решена со пенал-рулет во кој поумешни беа гостите, реализирајќи ги своите осум обиди од белата точка, па како пресудно се покажа промашувањето на Еланга, кој биеше над гредата за огромно разочарување меѓу домашните фанови.

Кристијано Роналдо го одигра еден од своите најслаби натпревари во дресот на Јунајтед, португалската суперѕвезда промаши пенал во првото полувреме, имаше и уште неколку убави шанси, но не успеа да го совлада голманот на ривалот од Чемпионшип-дивизијата. Манчестер Јунајтед сепак поведе со 1-0 преку Санчо, резултат при кој домаќините не реализираа неколку стопроцентни шанси.

Гостите успеаја да израмнат со една од ретките шанси во противничкиот шеснаесетник, а при 1-1 Јунајтед не искористи уште две стопроцентни шанси, Бруно Фернандеш од идеална позиција стрелаше во дирекот, додека Еланга во 91. минута со глава од пет метри само му ја додаде топката на голманот.

По 120 минути игра се премина на изведување на пенали, Хендерсон не запре ниту еден од обидите на гостинските фудбалери, па промашувањето на Еланга значеше и елиминација на „црвените ѓаволи“ од ФА Купот на Англија.

Се вчитува...