Македонскиот олимпиец Дардан Дехари нема да настапи на трките во слалом и велеслалом на Зимските олимписки игри во Пекинг 2022 година, откако на денешниот тренинг имал пад каде го повредил коленото.
По дополнителните прегледи било утврдено дека се работи за кинење на предниот вкрстен лигамент на десното колено, по што Дехари мора да биде опериран.
„На денешниот тренинг во Јанкинг, за време на подготовките за своето прво учество на зимските Олимписки игри ПЕКИНГ 2022, Дардан Дехари незгодно падна при што тешко го повреди десното колено. По првите консултации меѓу докторот Лубомир Огњеновиќ, кој е во Пекинг, кинеските доктори и претседателот на Здравствената комисија на МОК, д-р Небојша Настов, станува збор за кинење на предниот вкрстен лигамент на десното колено и Дардан Дехари итно ќе биде опериран. Да потсетиме дека Дардан Дехари, кој го носеше македонското знаме на церемонијата на отварање на зимските Олимписки игри, требаше да настапи на трките во слалом и велеслалом кои се на програмата на Олимписките игри на 13 и 16 Февруари. Да му посакаме на Дардан успешно опоравување од оваа тешка повреда и што побрзо враќање на скијачките терени“, стои во соопштението на Македонскиот олимписки комитет.
Дехари беше знаменосец на церемонијата на отворање на игрите, а откако претходно поради ковид протоколи Ана Цветановска не настапи во дисциплината скијатлон во крос-кантри, на овие игри настап за Македонија ќе имаат само таа на трката на 10 километри класично на 10. и Ставре Јада кој покрај денешниот спринт на 19. февруари ќе настапи на трката на 50 километри.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА