Пролетниот дел од Првата македонска фудбалска лига започна со гостинска победа. Ренова успеа со триумф да се врати од гостувањето во Штип, град во кој само еден тим во пролетниот дел ги освои сите три бода. „Гипсарите“ успеаја да го совладаат составот на Илчо Ѓорѓиоски, кој го имаше своето деби на клупата на штипјани, и одисејата ја почнува со пораз. Еден невобичаен гол и грешка на Денковски и еден гол од добра акција ја донесоа победата за Ренова, како и пожртвувана одбрана и добри реакции на голманот Велии по нафрлените топки на штипјани. Брегалница преку Дамњановиќ успеа да намали, Ренова пропушти да дојде до трет гол, а шансата на мечот да ги спаси штипјани ја имаше Алтипармаковски кој во 95. минута практично не успеа да погоди откако се најде сам пред голот на Велии. Шутираше само над голот, со што не го спаси од пораз својот тим.
Брегалница на стартот од мечот ја имаше иницијативата, се обидуваше да ја „пробие“ одбраната на Ренова, но не успеа во намерата. Цело време се играше на половината на „гипсарите“, а потоа во 16. минута невобичаен гол по катастрофалната грешка на Денковски. Мурати во обидот да ја избие топката и да ја расчисти опасноста некаде на средината на теренот, ја упати кон голот. Кога се чинеше дека тоа ќе биде лесно за Денковски, таа му се лизна од рацете и заврши во мрежата.
Голот ги „пресече“ штипјани, и никако не можеа да ги поврзат своите редови, па така уште една конфузија во дефанзивата можеше да биде „кобна“ и Азиновиќ да си постигна автогол, откако не ја врати убаво кон својот голман Денковски.
Во финишот од првиот дел, сепак, шанса за Брегалница преку Дујовски кој со глава убаво се обиде, но топката ја зафати стативата и отиде во гол аут.
Вториот дел, практично, „копија“ на првиот. Брегалница со иницијатива, а се тресеше нивната мрежа. Во 52. минута после една долга акција и обид на Селмани, Серафимовски од левата страна остана сам и топката стигна до него, од прва успеа да го совлада Денковски.
Брегалница се „разбуди“ со гол и преку Дамњановиќ успеа да намали. Манев нафрли од десната страна до нововлезениот Дамњановиќ, за да погоди во голот на Велии и да донесе неизвесност во финишот, во последните 30 минути.
Брегалница тргна по втор гол, но нивните напади не даваа плод, одбраната на Ренова секогаш беше на место и ја отстрануваше опасноста. Во нападот во финишот тргна и стоперот Даниел Мојсов, но ниту тој не помогна во офанзивниот дел на штипјани да дојдат барем до израмнување.
Рамадани во 89. минута по еден противнапад можеше да стави печат на победата на Ренова, но Денковски овојпат успешно интервенираше. Мена во 91. минута од средбата имаше можност за трет гол на „гипсарите“, но топката отиде само крај голот.
Бодот за штипјани го пропушти Алтипармаковски кој се најде сам пред голот, но шутираше само над голот на Велии во последните секунди од мечот, што на крајот следуваше радоста на тетовци од овој натпревар.
ПМФЛ 19. КОЛО
Брегалница – Ренова 1-2
(Дамњановиќ 59’ – Денковски (а.г.) 12’, Серафимовски 52’)
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

