Феникс 2010 не ја дава “тврдината” – убедлива победа и против Кожув

Феникс 2010 ја продолжи перфекцијата на домашен терен откако во 16. коло славеше над Кожув со 92-58. Новајлијата благодарение на високата предност стекната на самото отварање имаше целосна контрола на натпреварот и во ниеден момент не ја доведе победата во прашање.

Домаќините успеаја да го наметнат својот ритам од самото отварање на натпреварот. Високата реализација во нападот проследена со добра игра во одбраната донесе високо водство уште во воведните минути, а по десет минути игра истото изнесуваше 29-8. Добрата одбрана на ‘виолетово-жолтите’ која не дозволи течна игра на гостите од Гевгелија продолжи да биде фактор на натпреварот, а новајлијата продолжи и со добрата игра во нападот па предноста на полувремето изнесуваше 54-28.

Отварањето на второто полувреме не донесе промени на паркетот, избраните на Дервишевиќ го задржаа моментумот па стигнаа и до највисоката предност од 61-31 по што следеше опуштање кое го искористија гостите. Агресивната одбрана донесе лесни поени за Кожув па предноста експресно се сведе на 64-43, но Феникс ги консолидираше своите редови и не дозволи дополнително намалување на предноста, која по 30. минути игра изнесуваше 72-49. Последните десет минути беа само формалност во кои момент опадна напаѓачкиот ритам на домаќините, но добрата одбрана донесе лесни поени во транзиција за нова убедлива победа.

Единаесет од вкупно дванаесетте кошаркари во домашниот ростер се запишаа меѓу стрелците, а најефикасни беа Морган со 15 и Трајковски и Митревски со по 14 поени. На спротивната страна, прв стрелец на Кожув беше Горан Главчев со 14 постигнати поени.

Се вчитува...