Ракометната Федерација на Македонија го пренесе до Агенцијата за Млади и Спорт незадоволството на дел од клубовите од доделените средства преку ваучер-системот.
Станува збор за екипи кои се дел од женската лига, како и од Првата лига во машка конкуренција, кои се жалат на намалување на средствата, или пак добивање на исти или слични средства иако имаат многу повеќе поени при бодувањето од комисијата.
Воедно, РФМ како официјален документ ги истакна и табелите со добиени средства за ракометните клубови во изминатите три години. Притоа, забележливо е дека е зголемен бројот на клубови кои добиваат средства преку ваучер системот, што само по себе придонесува при распределбата вредноста на секој бод при бодувањето да опаѓа од година во година, од 41,656 денари по бод во 2020, до 30,519 денари по бод за 2022 година.
Ракометната Федерација на Македонија од АМС побара средба на која би биле присутни и претставници на клубовите, се со цел да биде објаснета целокупната ситуација и доколку е возможно, да биде најдено решение за доброто на спортот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА