Вардар ја прекина серијата слаби игри во Лигата на Шампионите, откако вечерва со извонредна игра на гостински терен го совлада Монпелје со 25-28. Францускиот тим влезе во мечот како лидер на групата и фаворит за бодовите, но Давид Дејвис се покажа како неверојатен стратег, шпанскиот стручњак буквално ги воскресна „црвено-црните“, потсетувајќи на своите шампионски денови со лекција за повеќекратниот француски првак. Вардар имаше и осум гола предност во второто полувреме, а Монпелје пред самиот крај успеа само да го ублажи поразот.
Мартин Томовски одлично го отвори натпреварот, овозможувајќи „вардарци“ да стигнат до рано водство од 0-1, 1-2, а нешто подоцна и до два гола предност (3-5). Монпелје успеа да се врати, преку Деска поведе и со 6-5, но тоа беше се што домаќините успеаја да сторат на оваа средба.
Следеше далеку подобра игра во одбраната, што овозможи лесни голови на спротивната страна и водство од 7-10 преку Гоце Георгиевски. Тренерот Канаје побара тајмаут , но не успеа да го запре налетот, Томовски одбрани уште два удари, а Вардар стигна до најубедливи 7-11, резултат при кој Дибиров не реализираше зицер. Монпелје се приближи при 10-12, домаќините го погодија дирекот во обид да стигнат до „минус еден“, а Вардар го искористи тоа и со голот на Талески се врати на најубедливите „плус четири (10-14).
Вториот дел почна со исклучување на Москариело, што македонскиот првак го искористи за преку Тото да поведе со пет гола предност (10-15). Одбраната функционираше беспрекорно, Монпелје се обиде и со „седум на шест“, но ниту тоа не го даде посакуваниот резултат, па предноста на Вардар на стартот од второто полувреме се движеше меѓу четири и пет гола. Потоа „вардарци“ пак влегоа во серија, па за две минути дадоа три гола и поведоа со 13-20, принудувајќи го домашниот стратег на нов тајмаут.
Вардар имаше и најубедливи осум гола предност (13-21, 14-22), но Французите за момент земаа здив, на десет минути до крајот спуштајќи ја разликата на пет погодоци (19-24). Монпелје даде уште еден гол, па Дејвис беше принуден при 20-24 да побара тајмаут за да ги смири своите ракометари. Капитенот Стоилов го постигна својот трет погодок на мечот во многу важен момент, прекинувајќи ја серијата на домашните ракометари. До крајот, Вардар и покрај налетот на Монпелје успеа да ја претвори предноста што ја имаше во целата средба во конечна победа, изразена со резултат 25-28.
Оливие Нијокас беше најефикасен во таборот на Вардар со пет гола, по четири постигнаа Тото и Стоилов, а по три погодоци реализираа Дибиров и Моралес.
Со овој триумф Вардар се враќа во игра за пласман во следната фаза во Лигата на Шампионите, со зголемен оптимизам пред наредниот домашен дуел против екипата на Загреб, закажан за 23 февруари.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА