ТФТ успеа да се запише во историјата на македонската кошарка откако во финалето од купот „Благоја Георгиевски – Буштур“ славеше над МЗТ Скопје со 80-66.
Тренерот на „црно-белите“, Боро Смилковски видно задоволен по освоениот куп трофеј, по натпреварот кажа дека неговиот тим не е финансиски моќен како големите, но дека има карактер и победнички менталитет.
„Искрено, не можам да ги најдам вистинските зборови. Ова е резултат на нешто што почна пред три дена. Имавме осцилации во текот на целата сезона, но оваа екипа покажа карактер. Во мотивацискиот говор пред мечот кажав дека можеби многу од нас ќе одиме по различен пат, но ова вечно ќе го паметиме. Сакам да ја посветам победата на мојот починат татко кој на денешен ден ќе наполнеше 70 години. Исто и на мојот син кој се роди неодамна. Уште од минатата година кога почнавме да играме во Првата лига имавме идеја и концепт од кои не отстапувавме и, конечно, по година и пол тоа ни донесе резултат. Тоа е да практикуваме една модерна, атлетска кошарка, затоа што за мал тим како нас кој не може да се носи со поголемите тимови, тоа што може да го правиме е да се наттрчуваме. Така ги биравме играчите кои ги носевме, повеќето се втора година по ред со нас. Имаме млади момци кои дојдоа од колеџ, ова им беше прво професионално искуство, па предводени од легендата на македонската кошарка Александар Костоски, легендарниот капитен Едис Нури, нашите навивачи, растат заедно и сите растеме како клуб и така дојде и овој успех“, изјави предводникот на ТФТ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА