УЕФА соопшти дека будно ги следи случувањата со Русија и Украина, и засега не планира да го премести финалето од Лигата на шампионите кое на крајот од мај треба да се игра со Санкт Петербург. Рускиот претседател, Владимир Путин синоќа потпиша одлука за признавање на Доњецк и Луганск како независни држави и ѝ нареди на руската војска да го обезбедуваат мирот во двата региони во источна Украина.
САД, Велика Британија и државите од ЕУ разгледуваат можности за одредени санкции кон Русија, но нема знаци дека Путин ќе отстапи. Финалето од Лигата на шампионите во фудбал треба да се игра на стадионот Крестовски во рускиот град Санкт Петербург на 28. мај. УЕФА инсистира дека во моментов не разгледува можност за преместување на финалето и Русија останува домаќин.
„УЕФА постојано и внимателно ја следи ситуацијата. Засега нема планови за промена на местото на одржување на финалето“, се вели во соопштението на УЕФА.
Но доколку ситуацијата се влоши, а предвидувањата се такви, можно е УЕФА да нема друг избор освен да го премести финалето од Лигата на шампионите. Вембли е еден од кандидатите за организација.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА