По двата одработени тренинзи во салата на А1 Спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје, и актуелната здравствена состојба, стручниот штаб на нашиот национален тим го формираше играчкиот ростер за натпреварот против селекцијата на Грузија закажан за 24. февруари (четврток) од 16.часот во „Палатата на спортовите“ во Тбилиси.
Последната проверка, односно пред задолжителното ПЦР тестирање, за жал, покажаа позитивен наод кај предводникот на нашата сениорска селекција, Драган Бајиќ. Според здравствените протоколи, селекторот Бајиќ ќе мора да остане во Скопје, и нема да патува со останатиот дел од нашата репрезентативна експедиција во главниот град на Грузија.
Вториот и последен тренинг во Скопје, го одработија неговите соработници Александар Јончевски и Адмир Прасовиќ. А, откако лекарскиот тим, предводен од докторот Слободан Николиќ, доби негативни наоди од тестирањата од Ковид-19, познати се и имињата на 12. кошаркари кои ќе им се спротивстават на Грузијците.
Стручниот штаб предводен од селекторот Бајиќ, се определи за:
Бојан Крстевски
Андреј Митревски
Кристијан Николов
Војдан Стојановски
Максим Митевски
Павел Данаиловски
Тедор Симиќ
Дамјан Робев
Андреј Маслинко
Валмир Какруки
Џејкоб Вајли
Виктор Ефремовски
Нашиот национален тим (преку Истанбул) ќе пристигне во Тбилиси утре изутрина околу 05.10 часот. За 23. февруари (среда), предвидено е да се реализираат два тренинзи. Од 12 до 13.30, односно од 19.30 до 21.часот. Тренинг-активности ќе има и пред почетокот на натпреварот, на 24. февруари, од 11.30 до 12.30 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА