Македонската кошаркарска репрезентација претрпе убедлив пораз (91-70) од Грузија во третото коло од квалификациите за СП 2023, но младата Македонија за која настапија седум кошаркари од кои се очекува да бидат предводници во иднина стекнаа големо искуство кое ќе биде многу позначајно од денешниот резултат.
Грузија денеска беше прерасположена во нападот каде реализираше со 43 отстотност со 13 погодени обиди за три, па и покрај солидната игра во одбраната нашите репрезентативци немаа сили да парираат на фаворизираниот противник. На тоа се надоврза и лошата реализација во нашиот напад (21/59), но во тој поглед има многу работи да се поправат бидејќи креацијата беше сведена на минимум со само 15 асистенции од кои 9 во првите три четвртини.
Грузиците расположено го започнаа натпреварот, наоѓајќи решение во рекетот на нашата репрезентација, но како што одминуваа минутите и „црвено-жолтите“ заиграа на ниво на двата дела од теренот па имаа и шанса да поведат (14-13), но Вајли не успеа во својот обид. Домаќините ја зацврстија одбраната, тоа создаде проблеми во организацијата на нападот, период во кој „црвено-белите“ го задржаа и напаѓачкото темпо па поведоа со 24-18 по првата четвртина. Мекфаден и Шермадини продолжија да бидат енигма за нашата репрезентација и во продолжението од првото полувреме, а на спротивната страна избраниците на Јончевски не ги служеше ниту шутот па Грузиците не лимитраа на само два постигнати поени за шест и пол минути со кои ја зголемија предноста на +15 (46-31) на полувремето.
Работите не се променија ниту во вторите 20. минути во кои продолжи течната игра на Грузија, како и проблемите во креацијата во нашиот напад. Тоа знаеја да го искористат домаќините за зголемување на предноста која по 30. минути игра изнесуваше 68-47 по што последната четвртина беше само формалност. Во неа попушти агресивната одбрана на Грузиците, а тоа го искористија нашите репрезентативци да стигнат до лесни поени, но истите не беа доволни за да се намали негативата.
Предводник на Македонија беше Војдан Стојановски со 15 поени, а него го следеа Робев со 13 поени и 3 скока, како и Крстевски и Ефремовски со по 11 постигнати поени. Мекфаден со 26 поени, 6 асистенции и 5 скока беше лидер на Грузија, додека Шермадини додаде дабл-дабл од 20 поени и 15 скока.
Во вториот прозорец на ФИБА ќе одиграме уште еден натпревар против репрезентацијата на Грузија в недела во СЦ „Борис Трајковски“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА