Македонската кошаркарска репрезентација го претрпе и третиот пораз во квалификациите за Светското првенство 2023 откако на гостувањето против Грузија загуби со 91-70. Македонија немаше одговор за добрата игра на Грузиците кои ја користеа предноста на бековската и центарската позиција и сосема заслужено славеа.
Поради големиот број на повреди на овој натпревар настапивме со седум млади кошаркари од кои се очекува да бидат лидери во иднина, а дополнителен проблем беше и отсуството на селекторот Драган Бајиќ па „црвено-жолтите“ од клупата го предводеше Александар Јончевски.
Младиот стратег по натпреварот изјави дека со оглед на целата ситуација, денешниот приказ на репрезентативците е задоволителен, а со тоа се сложи и Бојан Крстевски.
„Честитки до Грузија за заслужената победа. Имаат искусни играчи кои ние пробавме да ги запреме како Мекфаден и Шермадини во текот на натпреварот, но имаше ситуации кои мораме да ги подобриме. Од друга страна, генерално сме задоволни од енергијата која ја покажавме бидејќи шест од овие играчи се дебитанти во националниот тим. Кога ќе земеме се во обѕир, повредите, отсуството на селекторот Бајиќ, мислам дека дадовме добра енергија и сме задоволни од ситуацијата“, вели Јончевски.
„Честитки до Грузија. Го започнаа натпреварот со агресивна одбрана на која не успеавме да се прилагодиме. Исто така најдоа решение за нашата одбрана, стигнаа и до лесни поени, но кога ќе се земе целата ситуација во обѕир дадовме добра енергија. Жал ми е што на ниеден од овие натпревари не настапивме во полн состав бидејќи имаме играчи кои можат да одговорат, а со тоа да се прикажеме и во подобро светло. Но, тоа е што е ова е шанса за младите играчи да докажат што знаат“, додава еден од поискусните во составот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА