Надал: Со рекордите ќе се занимавам кога ќе ја завршам кариерата

Рафаел Надал стигна до нов трофеј во својата кариера откако во финалето на АТП 500 турнирот во мексичкиот град Акапулко славеше против Британецот Камерон Нори. За шпанскиот тениски ас тоа е 15. победа во 2022 година со што стави дознаење дека нема да биде само попатна фигура во преостанатиот дел од сезоната.

За Надал ова е воедно и 91. АТП трофеј во богатата кариера со што сега само три го делат од третото место на вечната листа на кое се наоѓа Иван Лендл. Сепак Шпанецот вели дека бројот на трофеи за него не е интересен во моментот и со истото ќе се занимава кога ќе ја заврши кариерата.

„На тие работи треба да им се обрне внимание кога ќе заврши кариерата. За мене најважно во моментот е што успеав да освојам уште еден престижен турнир. Не беше лесно, тука учествуваа неколку играчи кои се на врвот на светскиот тенис. Пред почетокот ми се чинеше невозоможно да го освојам, но неверојатно е колку брзо се менуваат работите. Мојата кариера е долга. Тука го освоив првиот трофеј во 2005 година, a сега повеќе ги ценам успесите отколку кога бев тинејџер“, вели Надал.

Се вчитува...