Наполи синоќа оствари тешка победа на гостувањето во Рим со гол на Фабијан Руиз во судиското продолжение, а по триумфот од 1-2, во жестока одбрана на своите играчи излезе Лучијано Спалети.
Тимот на Наполи се најде на сериозен удар во последно време и Елиф Елмас и соиграчите наидоа на жестоки критики од јавноста во Италија, особено откако тимот целосно потфрли на реваншот со Барселона во Лигата на Европа.
„Критичарите често потенцираа дека овој тим нема карактер, дека е многу кревок и тромав, сите тие луѓе сакам да ги слушнам сега. Наполи дефинитивно има карактер, луѓето ни забележуваа што ремизиравме со Калјари, но Калјари го победи Торино на гости овој викенд. Загубивме и од Барселона после добар резултат на „Камп Ноу“, но тоа беше моја грешка бидејќи побарав од играчите да играат со таков фајтерски пристап. Видов лоша атмосфера која се создава околу мојот тим и мора да ги одбранам играчите. Нека каже сега некој дека немаме карактер, овој тим има потенцијал и го покажавме тоа“, потенцираше Спалети.
Елиф Елмас синоќа влезе во игра во второто полувреме и асистираше на Инсиње. Македонскиот фудбалер видно донесе освежување и рестарт на својот тим, имајќи предвид дека сите три гола на мечот паднаа по неговото влегување во игра.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА