Русија засега останува домаќин на Светското првенство во одбојка кое треба да се одржи од 26 август до 11 септември. Меѓународната одбојкарска федерација се уште нема донесено одлука, но затоа олимпискиот шампион Франција јасно стави до знаење дека нема да учествува ако натпреварувањето се игра во Русија.
Од Меѓународната одбојкарска федерација објавија дека поради влошувања на ситуацијата во Украина ги повлекува турнирите од Лигата на нации за одбојкари и одбојкарки кои требаше да се одиграат во Русија.
„ФИВБ ќе продолжи внимателно да ја следи ситуацијата и ќе ги разгледува другите натпреварувања кои треба да се одржат во Русија, вклучително и Светското првенство за одбојкари закажано за втората половина од 2022 година.“ – се наведува во соопштението од Меѓународната одбојкарска федерација.
Меѓународниот олимписки комитет вчера повика сите спортски организации да ги откажат или преместат натпреварувањата кои се планирани да се одржат во Русија и Белорусија и да запрат со користење на знамињата и химните на овие држави.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА