Феникс 2010 ја продолжи перфекцијата на домашен терен откако во заостанатиот натпревар од 14. коло стигна до сензационална победа против досега непоразениот Пелистер. Новајлијата на овој натпревар не можеше да смета на Митревски, Хот и двајца странци, но уште еднаш покажа дека победува овој кој повеќе ја посакува победата. Ги користеше своите шанси, одигра одлично во одбраната, го искористи и отсуството на Стајиќ и Кесар и сосема заслужено славеше со 73-70.
Натпреварот започна во изедначено темпо во кое двата тима стигнаа и до поени од втора шанса па играта ‘кош за кош’ траеше во поголемиот дел од првата четвртина. Сепак први иницијатива ја превземаа гостите кои благодарение на двете тројки во низа на Ѓуроски поведоа со 18-23 по 10. минути игра. Домаќините навремено ги консолидираа своите редови, а преку добрата игра во одбраната која целосно го лимитираше противникот успеаја веднаш да ја вратат неизвесноста. На Пелистер не му беше во полза ниту брзото исполнување на бонусот по што ‘зелено-белите’ не можеа да одиграат агресивно во одбраната, а тоа го искористи Феникс за лесни поени во рекетот и транзиција па на полувремето имаше предност од 41-32.
‘Виолетово-жолтите’ на отварањето на второто полувреме стигнаа и до првата двоцифрена предност (44-32), а продолжија да го диктираат темпото и во продолжението од третата четвртина. Користејќи го проблемот со лични грешки на Пелистер, избраниците на Дервишевиќ ја задржаа двоцифрената предност по 30. минути игра (55-45). Падот во играта на домаќините од крајот на третата четвртина продолжи и во последните десет минути во кои и покрај отворените обиди, Феникс не реализираше за три поени, а тоа хо искористи Пелистер на спротивната страна па четири и пол минути до крајот се приближи на негатива од само еден напад (61-58). Сепак Феникс не дозволи гостите дополнително да ја намалат предноста, одигра одлично во одбраната со која целосно го запре нападот на противникот во следните три минути. Битолчани на крајот стигнаа до пенал завршница, но тоа не беше доволно за пресврт.
Бојан Трајковски со 19 поени беше прво име во таборот на победникот, додека Марин Петков заврши со 17 поени. Кај поразените Стојан Ѓуроски уфрли 17, додека Димитар Караџовски заврши со два помалку.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

