Ракометниот клуб Металург нема да ја доврши сезоната во Супер-лигата откако поранешниот првак на Македонија не го исплати долгот кон Александар Шпенде поради кој клубот доби суспензија од ЕХФ. Ракометната Федерација на Македонија му излезе во пресрет на Металург во завршните кола од Супер-лигата, давајќи можност по добивањето на ваучерот долгот да биде подмирен, но веќе станува се поизвесно дека тоа нема да се случи, а Металург ќе биде префрлен во понизок ранг на натпреварување. „Металурзите“ викендов треба да му гостуваат на Прилеп, но овој меч нема да биде одигран, како потврда на најавите дека трофејниот клуб нема да ја заврши оваа натпреварувачка сезона.
Во изминатиот период ЕХФ со нов допис побара да бидат регулирани само побарувањата на Шпенде во висина од 24.000 евра, додека рокот за исплата на екс-тренерот Зоран Кастратовиќ беше пролонгиран за неколку месеци. Сепак, клубот од Автокоманда не ја исплати сумата кон словенечкиот ракометар, јасно е дека суспензијата останува на сила, а неиграњето во плејаутот по автоматизам ќе значи и преселба во понизок ранг на натпреварување.
Металург веќе испрати на позајмица неколку свои ракометари (Петров во Вардар, Озтурк во Охрид, Митиќ во Скопје), како јасен знак дека клубот од Автокоманда нема да се натпреварува до крајот на сезонава. Оние останатите најверојатно до крајот на сезонава ќе настапуваат за екипата на Металург РА во Првата лига, по што во текот на летото ќе биде познато во кој тим ќе продолжат да играат.
Веќе е јасно дека Супер-лигата ќе го зголеми бројот на учесници за следната сезона, но ова нема да има никакво влијание врз статусот на Металург. Имено, клубот од Автокоманда со недоигрувањето на оваа сезона автоматски ќе биде префрлен во понизок ранг на натпреварување и за него ќе нема место во елитното ракометно друштво за сезоната 2022/23.
Со оглед на „чистата сметка“ што ја има, многу поизвесно е дека амбициите ќе бидат од следната сезона да се „турка“ тимот на Металург Ра, која ќе создаде поконкурентен играчки ростер за влез во елитата, а потоа без долговите кои ги има АД Металург со години наназад да се создаде квалитетен тим и за повисоки дострели.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА