Македонскиот стратег Емил Рајковиќ и неговиот Автодор Саратов беа сензацијата на ФИБА Еврокупот. По шест одиграни средби во групната фаза рускиот тим имаше скор од пет победи и еден пораз со што избори место во плејофот на натпреварувањето каде воедно важеше и за фаворит за освојување на трофејот.
Но, согласно со одлуката на ФИБА за исклучување на руските тимови од меѓународните натпреварувања не беше поштеден ниту Автодор по што клубот на Рајковиќ излезе со соопштение со кое го осуди потегот на „куќата на кошарката“.
„ФИБА ЕВРОПА ГО ИСКЛУЧИ АВТОДОР ОД КУПОТ!
Одлуката на ФИБА беше очекувана, но дополнително се покажа како сурова и нецеремонијална. Нашиот тим ја имаше својата најдобра европска сезона во изминатите неколку години, од самиот почеток на натпреварувањето беше самоуверено на првото место, ја освои „групата на смртта“ и пред почетокот на плеј-офот важеше за главен фаворит на турнирот! Од причини надвор од контрола на клубот и далеку од спорт, ФИБА не само што не му дозволи на „клубот од Русија“ (цитат од соопштението) да продолжи да учествува на турнирот, туку и одлучи да го замени Автодор со данскиот Бакен Берс во четвртфиналето.
Колку и да изгледа безобразна пресудата на Меѓународната кошаркарска федерација, таа во никој случај не ги намалува заслугите и достигнувањата на клубот од Саратов оваа сезона. КК Автодор и понатаму е најпродуктивниот и најефикасен тим на ФИБА Еврокупот, лидер на турнирот во асистенции и обиди од далечина.
Можете да не лишите од резултати, но никогаш нема да ги лишите клубот и неговите посветени навивачи од емоциите од победите и чувството на гордост во нивната домашна екипа! Напред, Автодор!“, стои во соопштението на клубот на македонскиот стартег.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА