Вардар со триумф над Охрид од 28-26 го отвори плеј-офот од домашното првенство, но гостите во „сино-бело“ беа оние кои денеска прикажаа одлична игра во СЦ „Јане Сандански“, успеаја да му парираат на фаворизираниот противник во поголемиот дел од мечот, а отпорот беше „скршен“ во самата завршница.
Натпреварот започна во изедначено темпо во кое двата тима успеаваа со мини серии да направат минимални предности, но истите не беа доволни за превземање на иницијативата. Гостите од Охрид во еден момент поведоа со 6-9, но Вардар веќе до полувреме успеа да го изедначи резултатот (12-12), а благодарение на голот на Грубор во 29. минута „сино-белите“ беа оние кои поведоа со 12-13 по 30. минути игра. Добриот моментум на охриѓани продолжи и во второто полу но овој пат тие се обидуваа да стигнат до изедначување, а и покрај тоа што во еден момент на семафорот стоеше резултат 24-24, Вардар со добра игра во одбраната во завршницата успеа да направи предност од два гола со која спречи големо изненадување.
Џереми Тото и Тимур Дибиров беа лидери на Вардар со по шест гола, додека нив ги следеше Кевин Њокас со четири. Филип Николов беше првото име на мечот со осум гола за гостите, додека по четири дополнија Кривокапиќ и Грубор.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА