Женската ракометна репрезентација на Македонија синоќа претрпе пораз од минимални 29-28 на првиот дуел од двомечот со Словенија како дел од ЕХФ Европскиот куп како дел од подготовките за ЕП 2022.
Напредокот во играта на македонската селекција е очигледен од натпревар во натпревар, нешто со што се согласува и селекторот Љубомир Савевски кој вели дека девојките почнуваат да веруваат во себе и дека тоа во моментов е главната причина за одличните партии.
„Ми се допаѓа тоа што девојките почнаа да веруваат во себе и дека можат со секого да се надигруваат. Веќе не излегуваме на терен само за да загубиме и тоа е многу важно за нивната самодоверба. Не ротиравме многу и задоволен сум од тоа како одиграа ракометарките во нападот. Почнавме малку послабо, потоа ја променивме играта и успеавме добро да одиграме до крајот на мечот, посебно во фазата на нападот. Од одбраната се уште не сум задоволен, но се надевам дека ќе има напредок. Ни недостигаат уште три интернационалки меѓу кои и капитенот Елена Ѓоргиевска и се надевам кога ќе бидеме целосни ќе прикажеме уште подобри игри“, вели Савевски.
Вториот натпревар против Словенија „црвено-жолтите“ девојки ќе го одиграат во недела во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје со почеток во 18.30 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА