Еурофарм Пелистер успешно го стартуваше настапот во плејофот од домашниот шампионат, рутински триумфирајќи на домашен терен над Тиквеш со резултат 30-25. „Фармацевтите“ беа без услугите на Периќ и на Велковски, но добредојдено за тренерот Бабиќ беше враќањето на Табоада, кој беше клучна фигура во денешниот триумф.
Кавадарчани одлично парираа во речиси целото прво полувреме, одржувајќи ја негативата меѓу еден и два гола разлика. Сепак, слабата реализација во нападот во финишот од полувремето ги оневозможи ракометарите на Тиквеш да парираат до самиот крај, па на одмор се замина со водство на Еурофарм Пелистер од 15-11. „Пелистерци“ на стартот од второто полувреме поведоа и со „плус шест“ (18-12), во неколку ситуации имаа ваква позитива и на крајот рутински славеа со конечните 30-25.
Табоада со седум и Божиќ Павлетиќ со пет погодоци беа најефикасни во победничкиот тим, додека најдобри стрелци во таборот на Тиквеш беа Дрогришки со шест и Кондев и Трпчевски со по пет погодоци.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА