Ракометарите на Бутел стигнаа до голема победа во борбата за третото место во плеј-офот од Суперлигата на Македонија, откако вечерва славеа на гостувањето во Битола кај Еурофарм Пелистер 2 со 31-32
Гостите одлично го отворија натпреварот и многу брзо стигнаа до четири позитива (1-5). Оваа разлика успеваа да ја држат во текот на целото прво полувреме, а на пауза заминаа со предност од 11-15.
Во сличен ритам почна и второто полувреме. Се играше гол за гол се до педесеттата минута кога Бутел успеваше да го контролира мечот. Сеапка, младите битолчани заиграа одлично во последните десет минути и на пет минути до крајот на мечот дојдоа на само минус два (26-28). Следуваше нова грешка на гостите, а со голот на Цветан Кузмановски, Еурофарм Пелистер 2 дојде на само минус еден 27-28 на четири и пол минути до крајот на мечот. Бутелчани се консолидираа од падот и со два гола на две минути до крај повторно стигнаа до плус три (28-31). „Зелено-белите“ повторно се вратија на минус еден 31-32, но не успеаја да реализираат во последниот напад и Бутел стигна до голем триумф.
Мојсоски, Мајиќ и Тот со по седум гола беа најефикасни во таборот на победникот, додека кај поразените шест гола постигна Павле Атанасијевиќ.
Со оваа победа бутелчани направија голем чекор кон освојување на третото место во плеј-офот од ракометната Суперлига на Македонија бидејќи во моментов имаат еден бод повеќе од денешниот противник, а во директниот натпревар за третото место ќе бидат домаќини во Бутел.
Во првиот натпревар денеска во плеј-аут фазата во домашниот шампионат Струга без проблеми славеше на домашен терен над Скопје 2020 со 30-25.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА