Ракометниот шампион на Македонија, Вардар со победа над Елверум на домашен терен од 39-30 го затвори настапот во групната фаза од Лигата на шампионите. Натпревар кој немаше никакво резултатско значење, па затоа во некои моменти паѓаше концетрацијата и на двете страни, на крај сепак во последните десет минути пресуди поголемото искуство и квалитет кој го има во таборот Давид Дејвис.
Вардарци со стил го стартуваа натпреварот. Поведоа со 4-0, а првиот погодок гостите го постигнаа дури во петтата минута. По спориот старт гостите заиграа подобро и успеаја да се приближат на минус два во десеттата минута (6-4). По неколку минути егал игра Вардар со голот на Тото во 15. минута повторно стигна до плус три (9-6). Резултатската клацкалка продолжи и понатаму, а по две третини од првото полувреме резултатот на семафорт изнесуваше (10-9). Вардар повторно ситгна до плус три (13-10), разлика која ја имаа до две минути до крајот на првиот дел кога гостите со два гола успеаја на полувреме да заминат со негатива од само минус еден (17-16).
Вардар три и пол минути не успеа да постигне гол на стартот на вториот дел што го искористија гостите и во 33. минута стигнаа до првото водство во натпреварот 17-18. Првиот гол за „црвено-црните“ го постигна Додиќ во 34. минута за израмнување (18-18). Вардар и во следните минути не можеше да го начне голот на гостите, паа тие со серија од 3-0 стигнаа до највисоките плус три (18-21), во 37. минута по што Давид Дејвис мораше да реагира со тајм-аут.
Тајмаутот на Дејвис резултираше со подобра игра на домаќините кои во 43. минута успеаја да се доближат на минус еден (22-23), а три минути подоцна со голот на Нијокас, Вардар повторно се врати во егал (25-25), по што следеше првиот тајмаут и на гостинскиот тренер во второто полувреме.
По тајмаутот следеше нов гол на Нијокас со кој Вардар првпат во второто полувреме дојде до водство (26-25) во 48. минута, следеше грешка на гостите која ја искористи Ѓукиќ кој донесе два позитива (27-25). Кевин Нијокас продолжи да го решета голот на гостите и во 52. минута повторно го донесе најголемото водство за скопскиот тим (30-27). Со голот на Стојанче Столиов во 55. минута „црвено-црните“ стигнаа до најголемата предност од плус четири (32-28). До крајот тотално падна концетрацијата на гостите, а Вардар стигна и до убедлив триумф од 39-30.
Тимур Дибиров со седум гола беше најдобар кај победникот, додека браќата Оливие и Кевин Нијока завршија со шест, односно пет гола. Мартин Томовски и Васил Гогов заедно забележаа вкупно девет интервенции. Кај поразените Ерик Јохансон заврши со осум гола.
Вардар во осминафиналето ќе игра против Веспрем, а доколку успее да го помине унгарскиот тим во четвртфиналето ќе се сретне со данскиот Алборг.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА