Ракометарите на Барселона изборија директен пласман во четвртфиналето од Лигата на Шампионите откако во последното коло од групната фаза славеа над Фленсбург со 29-22. Со оваа победа каталонците стигнаа до 20 освоени бода колку што има и Кијелце, а и покрај тоа што до ист број на бодови може да стигне и ПСЖ, шпанскиот состав има подобра меѓусебна разлика од парижани.
По изедначената игра во првиот дел од првото полувреме, Барселона со серија од 4-0 успеа да стигне до предност од 11-7, а оваа разлика не ја испушти ни на полувремето (15-11). Добрата игра на каталонците продолжи и во вторите 30. минути во кои германскиот состав најблиску стигна до -3 (24-21), но немаше сили за дополнително намалување на негативата.
Сегед и Монпелје пак ремизираа со 29-29 во последниот меч од групата „А“ каде се наоѓа и нашиот Вардар во натпревар кој немаше резултатско значење за крајниот изглед на табелата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА