Дербито на Првата ракометна лига заврши со убедлива победа на Алкалоид над Голден Арт со 29-35. Гостинскиот состав победата ја најави уште во првото полувреме во кое стигна до предност од осум гола по што рутински ја задржа позитивата во вторите 30. минути за значајна победа со која го осигура првото место во групата „Б“.
По изедначниот старт на мечот гостите преку мини серија стигнаа до предност од два гола која умешно ја чуваа долго време, а клучниот момент од мечот беше завршницата на првото полувреме кога со серија од 5-1 стигнаа до првата позначајна предност (11-15). Добриот моментум продолжи и до крајот на првото полувреме до кое истата се искачи на +8 (13-21).
Второто полувреме не донесе промени на паркетот, Алкалоид постојано ја одржуваше предноста и ги користеше грешките на противникот за дополнително зголемување па во еден момент резултатот гласеше 18-28, a опуштањето во редовите на гостите на самиот крај го искористија домаќинтие за ублажување на поразот.
Со по пет гола предводници на домаќините беа Давид Даев и Христјан Милошевски, додека кај гостите седум гола постигна Мартин Серафимов, додека со по шест гола него го следеа Кофиловски и Стојковиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА