Прволигашката кошарка продолжува во Битола

Прволигашките натпревари во македнската кошарка продолжуваат денеска од 18 часот и 30 минути со натпреварот помеѓу Пелистер и МЗТ Скопје 2 во 18. коло. Истите продолжуваат утре со четири дуели, а колото ќе биде комплетирано во недела со мечот помеѓу Феникс 2010 и Еуро Никел.

Битолчани кои се лидери на табелата важат за апсолутен фаворит на денешниот натпревар, а младите штркчиња кои стравуваат за прволигашкиот статус ќе се обидат да стигнат до сензација. „Зелено-белите“ во овој меч влегуваат со јасна цел да прокнижат бодови и да се зацврстат на чело на прволигашката табела, додека гостите ќе се обидат да го поправат впечатокот по убедливиот пораз од Академија ФМП.

Прволигашките дуели продолжуваат утре со четири интересни средби од кои три се во главниот град. Фокусот ќе биде ставен на мечот помеѓу ТФТ и Гостивар, но интересни ќе бидат и средбите помеѓу Академија ФМП и Работнички, како и Кожув и Куманово. МЗТ Скопје пак е апсолутен фаворит против „фенерџијата“ Ангели.

Колото ќе биде комплетирано во недела во СЦ „Јане Сандански“ каде новајлијата Феникс 2010 ќе се сретне со вицешампионот Еуро Никел. Овој натпревар е од огромно значење за двата тима во трката за место во Суперлигата, а на него гостите кои заостануваат една победа немаат право на грешка.

Се вчитува...