Македонија и тоа како ќе биде ослабена во бараж-пресметката со Италија за пласман на СП 2022 во Палермо на 24. март со отсуството на Елиф Елмас и Тихомир Костадинов кои беа незаменливи во составот на Благоја Милевски низ мундијалските квалификации.
Милевски е свесен дека ќе треба да се пополнуваат „дупки“ во средниот ред со нивното отсуство но истакнува дека во голема мера и нема посебни дилеми околу составот, доколку се биде во ред со играчите кои се повикани на списокот за бараж дуелите за Катар.
„И Елиф и Тихо се и тоа како важен дел за нас. Тимот е едно со нив, а друго без нив и ќе треба да го пребродиме тоа нивно отсуство. Ако е се во ред со повиканите играчи, немам дилеми околу составот. Дилемата е околу Адеми, дали ќе може да настапи или не, а сите знаеме од колкаво значење е неговото присуство за нас“ – вели Милевски.
На списокот, пак, ги нема и Зајков, Илиев, Јанков кои беа на претходните собири, но и Несторовски кој закрепна од повредата но е далеку од натпреварувачка форма.
„Најважно е да се биде во натпреварувачки ритам кога се во прашање репрезентативните повици, а Несторовски не е повикан затоа што има само одредена мала минутажа во Купот по закрепнувањето од повредата. И тоа е единствената причина што не е повикан. Истото важи и за Ѓоко Зајков, Дени Илиев, Јанков…, кои како и Несторовски се во тренажен процес но не и во натпреварувачки ритам. Што не значи дека нема да бидат повикани за следните активности“ – вели селекторот Милевски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА