Летниот преоден рок во 2021 година ќе остане запаметен по тоа што двајцата најголеми играчи во моментов Кристијано Роналдо и Лионел Меси направија трансфери во исто време. Роналдо се врати во Манчестер Јунајтед, додека Лионел Меси после 20 години го напушти тимот на Барселона и се одлучи да се пресели во ПСЖ.
Поранешниот француски фудбалер Никола Анелка тие потези ги оцени како грешка на двајцата големи асови.
„Нивните кариери се готови и мислам дека двајцата треба да бидат задоволни со тоа што го постигнаа во последните 15 години. Беа над сите, и сега е нормално да има пад. Повеќе ме изненади Меси од Роналдо. Очекував да се прошета низ Франција, а Роналдо да има повеќе потешкотии во Премиерлигата, затоа што за мене во Англија е тешко да се игра. Но, двајцата требаше да бидат попаметни. Тоа се случува со играчи кои сакаат да играат подолго. Не беа паметни. Требаше да размислуваат околу тоа да прифатат помалку комплицирани предизвици, затоа што ако сакате да завршите на врвот, треба да носите исправни одлуки“, рече Анелка.
Анелка во својата кариера помина многу клубови. Играше за ПСЖ, Арсенал, Реал Мадрид, Ливерпул, Манчестер Сити, Фенербахче, Болтон, Челси, Шенхуа, Јувентус, ВБА и Мумбај Сити.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

