Ставрев ќе им суди на БиХ и Грузија, Божиновски контролор во Хрватска

Претставниците на Фудбалската федерација на Македонија, кои  се на листа во комисиите на УЕФА ќе бидат доста ангажирани до крајот на овој месец. Патувањата ги отвори раководителот за безбедност и интегритет на ФФМ Роберт Марковиќ кој од страна на УЕФА беше одреден да се грижи за безбедноста на мечот од Конференциската лига на Европа меѓу белгискиот Гент и ПАОК од Солун, кој вчера се одигра во Гент.

Најдобриот македонски судија, интернационалецот Александар Ставрев на покана од Фудбалската федерација на  Босна и Херцеговина на 25. март во Зеница ќе биде главен судија на пријателскиот натпревар меѓу  Босна и Херцеговина и Грузија. Ќе му помагаат Даниел Василевски и Лика  Куштрум.

Еден од мошне влијателните контролори, кој е на списокот на УЕФА, поранешниот наш најдобар судија Емил Божиновски ќе престојува во Хрватска, во Карловац каде ќе биде главен  контролор на квалификацискиот турнир за настап на Европското првенство, играчи до 19 години на кој ќе играат репрезентациите на  Хрватска, Романија, Исланд и Грузија. На турнирот, кој ќе се игра од 23. до 30. март, ќе судат  перспективни млади судии кои конкурираат за повисока група и токму затоа  судиската комисија на УЕФА сака да го слушне мислењето на Божиновски за нивните квалитети за  да судат потешки натпревари.

Нашиот млад судија  Игор Стојчевски, кој е на интернационалната листа од минатата година, по успешно отсуден меч меѓу Андора и  Англија, играчи до 21 година, доби шанса повторно  да се најде на меѓународната сцена. Тој е одреден да суди две средби на квалификациониот турнир за настап на Европското првенство за играчи до 17 години што ќе се одржи во шведскиот град Хелсинборг од 23. март до 2. април. На турнирот ќе  настапат репрезентациите на Шведска, Швајцарија, Литванија и Данска. Стојчевски ќе ги суди мечевите Данска – Шведска и Данска – Швајцарија. Со него ќе патува и помошниот судија Слаѓан Марковски.

М.М.

Се вчитува...