Фудбалската репрезентација на Македонија ги стартуваше подготовките за натпреварот против Италија во четврток во баражот за пласман на Светското првенство во Катар кое ќе се игра на крајот од годинава.
Еден од најдобрите македонски фудбалери во квалификацискиот циклус, Енис Барди вели дека ова е најважниот меч во историјата на Македонија и дека детали ќе одлучуваат.
„Сите знаеме колку е важен овој меч и колку ќе е тежок. Едвај го чекаме овој предизвик. Ова е еден од најважните натпревари за нас и многу е важно да сме 100 отсто сконцентрирани. Мислам дека можеме да добиеме секој во 90 минути. Во денешниот фудбал нема фаворити. Некогаш и фаворитите може да имаат лош ден. Ние покажавме дека можеме да играме со секого. Важно ни е на нас ние како ќе изгледаме. Италија е Европски шампион и имаат одлични поединци. Сепак, ние треба да сме фокусирани на нашата игра и тоа што го бара селекторот од нас. Ни недостигаат Елјиф и Тихо, но ние на овој меч ќе играме за нив. Мораме на теренот да го пренесеме тоа што ќе ни го побара селекторот. Детали ќе го одлучат мечот и затоа секој детаљ ќе е важен на овој меч“, изјави Барди.
Натпреварот кој ќе се игра на „Енцо Барбера“ во Палермо е закажан за во четврток со почеток во 20.45 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА