Италијанската јавност очекува лесна победа, но фудбалерите на „аѕурите“ се свесни дека мора максимално професионално да пристапат во претстојниот бараж-дуел против Македонија ако сакаат да останат во игра за пласман на СП 2022 во Катар.
Марко Верати е еден од најдобрите фудбалери во италијанскиот состав, а плејмејкерот на ПСЖ ја оцени пресметката со Македонците за потешка и од големото финале, каде Италија во случај на триумф би се сретнала со Португалија или со Турција.
„Пред нас се две важни средби, но ние сме убедени дека можеме да одговориме на предизвикот. Играме за Италија и навикнати сме на притисокот што се создава, верувам дека нема да разочараме. Имаме два дуели од кои првиот е потежок, се нема право на грешка и мора да се игра максимално. Полни сме со ентузијазам на тренинзите и со нетрпение го чекаме тој натпревар“, изјави Верати.
Евентуален неуспех би бил катастрофа за селекцијата на Италија, која и пред четири години не се пласираше на СП, тогаш во баражот губејќи од репрезентацијата на Шведска.
„Тешките моменти секогаш остануват длабоко во тебе, но уметноста е во тоа што треба да извлечеш поука од поразите, да се погрижиш никогаш повеќе да не ги поправиш грешките. Нема да дозволиме реприза од пред четири години, во споредба со тој дуел со Шведска сега во репрезентацијата владее фантастична атмосфера, сакаме на сите да им покажеме дека заслужено сме европски шампиони и да се пласираме на мундијалот“, порача Верати.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА