Алиоски: Ќе ни треба чудо да ја минеме Италија, но јас сум пример за чудо во фудбалот!

Македонскиот репрезентативец Езџјан Алиоски, во изминатите денови даваше интервју за италијанските медиуми, пред престојниот бараж натпревар против Италија кој се игра утре во Палермо.

Самиот Алиоски беше пред трансфер во Серија „А“ во јануари, но на крајот остана во Саудиска Арабија. Вели дека е многу мотивиран за пресметката со Италија, и се надева дека Македонија ќе се пласира во финалето на баражот.

„Размислувам со месеци за овој натпревар. Македонија направи огромен фудбалски напредок во изминатите пет години. Учеството на ЕП беше награда за она што се случуваше во изминатиот период, а сега ќе играме и бараж за Мундијалот. Македонија е мала држава, и порано беше незамисливо да се пласираме до тука. Само ние верувавме во тоа, свесни за квалитетот“, изјави Алиоски.

Улогата на фаворит му ја препушта на противникот.

„Секако, Италија е фаворит. Игра дома и мора да победат. Ќе треба да се справат и со еден вид притисок. Ако не се пласираат на Мундијал би било голем неуспех. Нас ни треба чудо, а фудбалот прави чуда. И со моите играчи ќе сториме се да се случи такво чудо“, рече Алиоски и додаде:

„Македонија на Мундијал? Доколку се случи такво нешто, фудбалот по којзнае којпат ќе покаже дека се е можно. И мојата приказна е доказ за тоа. Од Јанг Бојс кои ме исфрлија, па во Лугано, и потоа во Премиер-лигата. Важно е да верувате“, заврши Алиоски.

Се вчитува...