Репрезентацијата на Македонија до 21 година од вчера е во Белград, каде што ја очекува пресметката со Србија во рамките на квалификацискиот циклус за пласман на Европското првенство 2023 година во Романија и Грузија.
Избраниците на селекторот Драги Канатларовски во позитивна и одлична атмосфера го одработија и првиот тренинг по пристигнувањето во главниот град на нашиот северен сосед. Еден од клучните играчи во одбраната на штипска Брегалница во тековната сезона во ПМФЛ и неизоставен член на националниот тим до 21 година, Јован Манев даде свое видување за претстојниот дуел против Србија.
„Одработивме одлични тренинзи во Скопје, а денеска го имавме и првиот по пристигнувањето во Србија, на комплексот на Фудбалскиот сојуз на град Белград. Стоиме цврсто со нозете на земја, знаеме дека имаме шанси да се бориме за позитивен резултат, веруваме во нашите квалитети, од меч во меч се подобруваме и се надевам дека ќе продолжиме во тој ритам. Имаме одлична група на фудбалери, сите заедно веруваме во успех. Ја имаме подршката од селекторот и неговиот стручен тим, веруваат дека можеме да оствариме успех не само на мечот со Србија, туку и на средбите против Фарски Острови, Украина и Ерменија. Нема да биде лесно да се победи Србија, но не и невозможно. Го респектираме противникот, се работи за репрезентација која има голем квалитет и потенцијал, но имаат и недостатоци. Треба да бидеме смирени, фокусирани во текот на сите 90. минути и да ги искористиме можностите што ќе ни се укажат“ – вели Манев.
На 24. март младата селекција на Македонија игра против Србија во Белград со почеток од 17 часот, а на 29. март, на стадионот „Тодор Проески” од 18 часот ја пречекуваме селекцијата на Фарски острови.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА