АНАЛИЗА – Драган Томовски: Во Порто не чека уште еден Голијат, само што ние повеќе не сме Давид!

Во очекување на најзначајниот спортски момент во македонската историја, натпреварот за историски прв пласман на фудбалската репрезентација на едно светско првенство, анализа на долгогодишниот македонски фудбалски работник, поранешен директор на Вардар од неговите најтрофејни денови, Драган Томовски, за се она што се случуваше изминативе денови во Палермо но и тоа што не очекува во Порто!

===================================================================================================

Тешко е со зборови да се опишат емоциите кои не облеаjа сите нас кои со децении чекаме вакви моменти за македонскиот фудбал. Моменти кои докажаа дека сме фудбалска нација пред која стојат уште многу светли моменти во иднината.

Победата со Италија е победа на новата фудбалска филозофија во која се споени талентот, работата, идејата и реализацијата, вткаениот нов менталитет на самодоверба но и меѓусебна доверба, позитивната енергија и над се рациото во спроведувањето на ефикасната стратегија.

Имајќи го во предвид горенаведеното, победата со Италија стана возможна дури и во ситуација во која му гостуваме и тоа ослабени на (нај)големиот фаворит.

Накусо. Играчите на овој натпревар, сите до еден, дури и ги надминаа своите способности во дефанзивната фаза на играта. Иако не излеговме да се браниме, Италија не принуди во поголем дел на натпреварот на дефанзива со тоа да не заборавиме дека тие толку го усовршија делот на пресингот и се една од ретките репрезентации кои играат така високо (и со последниот ред на одбраната), каде во пресингот активно учествуваат сите десет играчи. Впрочем, така Италија ја ‘сомле’ Англија во финалето на ЕП.

Големиот физички напор кој беше присутен во реализирањето на дефанзивните задачи против вака квалитетен противник ја намали концентрацијата при организирањето на игра, па во тој прв момент (најважен) на воспоставување посед, имавме одредени проблеми, што ќе повторам во ваков натпревар е нормално. Во тој дел и најмногу се почувствува отсуството на Елмас. Ќе потсетам дека Англија во второто полувреме на финалето на ЕП против Италија имаше помал посед отколку ние на овој меч.

Имајќи ги предвид квалитетот на противничките играчи, клубови во кои играат, нивото на натпревари кои ги имаат, надчовечкиот и последен напор кој нашите херои го направија резултираше со погодокот на Трајковски кој во шутот го сублимира сиот свој талент, квалитет и искуство.

Победа за историја, победа за славје и еуфорија. Дали ова последново може да биде опасност за способностите и концентрацијата за наредниот натпревар, кој на најголем дел на играчи ќе им биде најголем во нивната кариеара?

Да. Може. Но јас не се плашам од ова затоа што сум сигурен дека селекторот и неговиот тим, веќе превземаат мерки во тој правец. Играчите треба да се обидат да заборават се, освен дека се уверија дека не постои противник кого не можат да победат.

Повторно ги чека европски (екс)првак, уште еден фудбалски Голијат. Разликата од порано е што ние веќе не сме Давид!

Но, зошто треба да бидеме оптимисти?

– Веќе е недвојбено дека имаме селектор кој покажа дека е рамо до рамо со најголемите модерни фудбалски стратези.

– Играчите се убедени дека можат да играат и победуваат против секого, имаат доволен степен на самодоверба, владее неверојатна позитивна енергија и со право неограничено му веруваат на селекторот и стручниот штаб, следејќи го на патот(стратегијата) кој ќе им биде укажан.

– Ќе играме против противник,сигурно максимално агресивен но кој не може да одигра таков пресинг како Италија.

– Тука е Елиф и тоа Елиф кој пука од желба da игра и победи.Играч кој може да биде тегот, за вагата да претегне кај нас. Играч кој има „илјадници“ стандарни, но и нестандардни решенија. Играч кој прави вишок, дава завршен пас, реализира.

И, последно но не и најневажно!!!!

– Милиони луѓе, не само од Македонија, се со вас. Тие ја препознаа вашата мисија, вашата желба, вашата љубов и ви ја даваат и својата.Тоа е страшна енергија која мора да ве стигне и домотивира. А оние,кои ќе бидат со вас, во Португалија, ќе го дополнат делчето во мозаикот кој Милевски со играчите го твори за да блесне најубавата слика за фудбалот, спортот…и Македонија.

И знајте. Вие во вторник, што и да се случи, никако не можете да загубите.
Вие веќе сте победници….!!!

Се вчитува...