Тодор Златев е еден од оние кошаркари од кои се очекува да бидат лидери на мак-баскетот во иднина, а 19-годишниот кошаркар на Еуро Никел, кој настапува и на двојна лиценца во Борец Баскет зад себе има неверојатен викенд.
Имено, откако во петокот на отварањето на 20. коло од Првата лига забележа дабл-дабл учинок од 12 поени и 13 скока против МЗТ Скопје 2, во неделата го предводеше Борец Баскет до деветтата победа во последните десет натпревари.
На гостувањето во Струга од 19. коло од Втората лига кај минатогодишниот прволигаш, Црн Дрим младиот кошаркар постигна 38 поени за победа на велешани од 104-90 со која се искачија на петтото место на табелата на три кола пред крајот на регуларниот дел.
„Викендов одиграв два добри натпревари и задоволен сум бидејќи успеавме да забележиме две победи. Настапите за Борец во Втората лига ми помагаат во подигнување на самодовербата и секако за стекнување на поголемо искуство кое ќе се преслика и во Еуро Никел“, изјави Златев за ЕКИПА.
„До крајот на регуларниот дел во двете првенства има уште неколку натпревари во кои мораме да одиграме како сега. Со Еуро Никел сеуште се бориме за влез меѓу најдобрите шест, а потоа ако можеме и да избориме полуфинале и финале, додека со Борец најпрво одиме на плејоф па ако се оди во најдобар ред потајно се надевме и на влез во Прва лига“
Еуро Никел на две кола пред крајот на регуларниот дел на сезоната е на добар пат да избори место во Суперлигата, додека Борец Баскет во моментот е на 5. место на табелата, а велешани се наоѓаат во одлична форма со само еден пораз во последните десет меча.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА