ЕКИПА во Порто, Португалија
Владимир Булатовиќ
Повторно, нешто слично како и пред настапот на ЕВРО 2020 минатата година, вистинска еуфорија ја облеа македонската јавност по триумфот на фудбалската репрезентација над европскиот шампион Италија и пласманот во финалето за место на Мундијалот во Катар.
Без сомнение, секој поединец во Македонија, е и тоа како задоволен од начинот на кој репрезентативците ги заокружија мартовските бараж-дуели со два европски гиганти, но селекторот Благоја Милевски максимално внимателен како и секогаш повикува на брзо стишување на било како еуфорија затоа што патот на македонскиот фудбал кон европскиот крем се уште е далечен и трнлив.
„Да бидеме реални, пред нас е уште многу работа. Да, точно е дека го победивме актуелниот европски шампион, точно е дека може да бидам задоволен од начинот на кој момците одиграа против Португалија, иако во исто време сум и незадоволен и разочаран од резултатот, но мора да останеме цврсто на земја и да бидеме свесни за нашето актуелно место. Со се што правиме изминативе месеци, и низ квалификациите за СП, и сега со последните два меча од баражот со селекции од светскиот врв јасно е дека се движиме по европскиот пат, но да бидеме реални уште сме далеку. Не очекува уште многу напорна работа затоа што патот е се уште долг и трнлив“ – вели селекторот Милевски, по синоќешниот дуел на „Драгао“.
Според македонскиот селектор секој нов предизвик кој следи е најважен за македонската репрезентација, а секој натпреварот од рангот на овие со Италија и Португалија треба да бидат мотив плус за секој поединец во националниот тим.
„Јас може да бидам само горд на момците за сиот ангажман и посветеност на националниот дрес изминатиов период. Го покажуваат сиот свој квалитет и потенцијал кои носат надеж за секој следен предизвик. А јас секогаш велам дека секој следен предизвик е најважниот за овој тим. Така ќе биде и од јуни во Лигата на нациите, така ќе биде потоа и во квалификациите за ЕП. Мислам дека сме на вистинскиот пат, и само треба да продолжиме со максимална посветеност, верба и единство во желбата репрезентацијата да ја поставиме на нивото на селекциите од самиот европски врв“ – истакнува Милевски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА