Реми на Елверум и ПСЖ во Норвешка

Елверум и Пари Сен Жермен одиграа без победник 30-30 во првиот натпревар од осминафиналниот двомеч во годишното издание во Лигата на шампионите.

Иако „светците“ од самиот старт го контролираа резултатот, сепак домашниот тим во ниту еден момент не им дозволи на Французите да се одлепат и на полувреме се замина со резултат 13-15. Гостите подобро го отворија второто полувреме и во неколку наврати успеваа да стигнат и до плус пет (16-21/17-22). Сепак, домаќините заиграа на високо ниво во последната четвртина во мечот и успеаја да влезат во егал завршница (25-25).

До крајот се играше гол за гол, а конечните 30-30 ги постави Ерик Јохансон со гол на две секунди до крајот на мечот. Камил Сипжак со 12 гола беше убедливо најдобар стрелец во таборот на гостите, додека кај домаќините Солстад заврши со девет гола. Реваншот во главниот град на Франција е закажан за седми април. За потсетување ПСЖ е без услугите на Микел Хансен за кого заврши сезоната.

Во вториот денешен натпревар бундеслигашот Фленсбург ќе го пречека Пик Сегед. Македонскиот шампион Вардар утре од 18.45 во СЦ „Јане Сандански“ ќе го дочека унгарски Веспрем, а Никола Митревски и неговиот Порто ќе играат против францускиот Монпелје.

1/8 ФИНАЛНИ ПАРОВИ:

ДЕНЕСКА: 

Елверум – ПСЖ  30-30

Фленсбург – Пик Сегед

УТРЕ: 

ВАРДАР – Веспрем

Порто – Монпелје

Се вчитува...