Илчо Ѓорѓиоски: Успесите на репрезентацијата не се случајни, да се биде рамо до рамо со Италија и Португалија е гордост!

Поранешниот претседател на Фудбалската федерација на Македонија, Илчо Ѓорѓиоски вели дека е горд на последните успеси на македонската сениорска репрезентација и начинот на кој се одиграа натпреварите во баражот за СП 2022 против светски гиганти како Италија и Португалија, затоа што сето тоа е и плод на долгогодишната работа поставена од периодот кога застана на чело на ФФМ.

Актуелниот шеф на стручниот штаб на Брегалница, осврнувајќи се на состојбите во А-селекцијата потенцира дека ништо од тоа не е случајно, но плод на системски поставувани нешта во федерацијата и националните тимови кои донесоа и до ваков македонски фудбалски ‘бум’ во светски рамки.

„Да се дојде до бараж за пласман на Светско првенство, да се победи европски шампион Италија ништо не е случајно. Сето тоа е системска работа. Јас во 2012 година дојдов на чело на Фудбалската федерација на Македонија, и познавајќи ги од претходно сите проблеми со кои се соочуваше македонскиот фудбал се впуштив со детална програма за подобрување на инфраструктурните услови во земјата, но и засилување на целокупната база за младинските категории. Тогаш низ сериозни програми за млади категории се создаде квалитетен тренажен процес… Се креираше и скаутинг-мрежа за следење на сите млади фудбалери, кои сега се дел од сениорската репрезентација. Преку тој систем се донесоа во националниот дрес и Алиоски, Адеми…, се донесе десетгодишна програма во која планиравме и предвидовме и пласман на ЕП. Беа овозможени сите идеални услови за сите репрезентации, од најмладите па до сениорската, и бевме свесни дека и ќе има пад во одреден период при смена на генерации. Но, и тогаш тврдев дека за 5-6 години ако се продолжи по тој систем Македонија ќе има одлични резултати. И така сега бидна. Се создаде систем на вредности, систем на максимална работа која ќе донесе успеси. Па, откако возот беше поставен цврсто на шините, што е секако најтешката работа, сега е само важно, без разлика кој е на чело на федерацијата, само да се внимава истиот да не се измести од нив, да не се скршне од патот…, и успесите ќе следат. Но, не треба да се застане само на ова досега сработеното. Ако се нема континуитет во професионалната работа, сето тоа што тешко се градело долги години за краток период може да се сруши“ – вели Ѓорѓиоски во разговорот за Телевизија Стар.

Анализирајќи ги двата натпревари против Италија и Португалија, пак, истакнува…

„Мотивирано, дисциплинирано и пожртвувано влеговме на двата натпревари со активно парирање на противникот. Но, ете, онаа само наша грешка против Португалија во првото полувреме мислам дека го промени комплетниот тек од средбата, дозволувајќи им на домаќините да дојдат до подарен гол. Мислам дека ако не беше таа наша индивидуална грешка натпреварот ќе беше нешто сличен како во Италија, до самиот крај неизвесен. Португалија се виде дека многу, многу сериозно му пристапи на мечот и очигледно беа со посебен респект кон нашата селекција, посебно по нашата победа над Италија. Затоа беа порезервирани на терен очекувајќи ги нашите грешки, и за жал ги дочекаа, две грешки за триумф“ – вели стратегот на Брегалница, веднаш дополнувајќи:

„Ги жнееме најголемите успеси во историјата на македонскиот фудбал. Земја од само два милиони жители е рамо да рамо со такви гиганти и се гордееме со тоа. Навистина сум и јас лично горд на сите овие резултати, но мора сега да се подзамислиме зошто има пад кај младите репрезентации, зошто во помладите категории нема резултати, а тоа кажува дека има некои пропусти. Мора брзо да се реагира и повторно системски да се даде акцент поголем на младите селекции, за да не дојдеме за некоја година повторно до вакуум простор и во успесите на сениорите“.

СИТЕ МЕ КРИТИКУВАА КОГА ГИ ПОСТАВИВМЕ АНГЕЛОВСКИ И МИЛЕВСКИ НА СЕЛЕКТОРСКИТЕ ПОЗИЦИИ, А СЕГА СЕ ГЛЕДА ИСПРАВНОСТА НА ОДЛУКИТЕ

Ѓорѓиоски се потсетува и на периодот кога, и покрај отворени критики во јавноста, цврсто стоел на одлуката на клупата на младата селекција да се доведе неговиот кумашин Боби Милевски, кој сега е на чело на сениорската репрезентација.

„Бев критикуван кога го поставив Ангеловски на чело на националниот тим, бев критикуван и кога го поставивме Боби Милевски на чело на младата репрезентација, затоа што јас сум кум на Милевски. Но, ние не го поставивме Милевски за селектор затоа што сум негов кум, туку затоа што сметав дека заслужил да биде таму. И, ете, сега после четири-пет години се гледа исправноста на одлуките. Верувам дека престојат успешни денови за репрезентацијата, затоа што имаме млада но зрела селекција. Оваа генерација ќе не носи во следни седум-осум години, но мора да бидеме реални и со очекувањата, да не летаме многу во облаци и да не се прави трагедија ако не сме први или втори во квалификациски групи, но секако очекувам дека ќе бидеме уште конкурентни за пласман на најголемите европски и светски натпреварувања“ – вели поранешниот прв човек на ФФМ.

БРЕГАЛНИЦА ЌЕ БИДЕ УСПЕШЕН ПРОЕКТ, СЛЕДНАТА СЕЗОНА СО АМБИЦИИ ЗА ИЗЛЕЗ ВО ЕВРОПА

Што се однесува, пак, до ФК Брегалница, Ѓорѓиоски, осврнувајќи се на периодот по неговото доаѓање на клупата на „сините“, вели дека тоа во Штип е долгорочен проект, не од денеска за утре, кој на крајот ќе биде и тоа како успешен.

„Брегалница е проект кој ќе биде успешен затоа што има амбициозни луѓе во клубот кои сакаат да го видат клубот на највисоко ниво во домашниот фудбал. Брегалница оваа година, по бројни кризи, сега влезе во Првата лига. Клубот е поставен на здрави основи и затоа и прифатив да го преземам кормилото на тимот. Но треба да се истрае во реализацијата на овој проект. Ќе има проблеми, ќе има растови и падови, но мора да се истрае на тој пат“ – вели Ѓорѓиоски и дополнува:

„Дека тимот на Брегалница има квалитет потврда се резултатите од подготвителните натпревари во Анталија каде славевме убедливо против екипи со буџет од 40-50 милиони евра. Тие резултати на подготовките ни покажаа дека има квалитет во тимот, но можеби и не излажаа да го затвориме преодниот рок без потреба од дополнителни засилувања. Па, потоа на стартот од пролетниот дел од сезоната се случи пораз каков што се случи, со еден шут на противникот кон нашиот гол и тоа од избиена топка, и потоа следеше психолошки пад во играта поради менталитетот. Затоа мора да се менува пристапот кон играта, да се верува во себе, да се изгради победничкиот менталитет кај секој поединец, затоа што тврдам дека Брегалница има индивидуален и тимски квалитет но не смее да има психолошки падови. Мора да научиме и по примени погодоци поради индивидуални грешки, тимот да се врати во игра. Мора да се создаде и карактер како тим секогаш да се оди на победа, буквално на секој натпревар“.

Ѓорѓиоски нагласува дека и низ оваа сезона ќе се оди на резултати буквално до самиот крај, но ќе биде искористена и за вистинска селекција на тимот за од следната сезона да се атакува на европски излез.

„Можеби овој период до крај на сезоната сега е период за вистинска селекција на тимот кој од следната сезона треба да има повисоки амбиции и за излез во Европа, или и нешто повеќе. Можеби сето ова што се случува е и добредојдено да се согледаат сите слабости и да се корегираме секаде каде што е неопходно, па во следната сезона да бидеме максимално конкурентни за самиот врв во шампионатот“ – вели Илчо Ѓорѓиоски во интервјуто за Телевизија Стар.

Се вчитува...