Германски фудбалски аналитичари: Македонија тактички ја „умртви“ Португалија, па сама и подари победа!

Најдобрите германски фудбалски аналитичари, дел од „Билд“ и „Спорт1“, во анализите за финалето од баражот за СП 2022 меѓу Португалија и Македонија потенцираат дека македонската селекција уште еднаш изненадила со тактичката поставеност во мечот кој можело да заврши и сосема поразлично доколку не биле индивидуалните грешки на поединци во редовите на македонската репрезентација.

Согласно анализата, Македонија поставила игра со висок пресинг, одбрана за неутрализација на средниот ред на Португалците на дури 40 метри пред својот гол со што домашните фудбалери во првото полувреме главно беа без никакви идеи во нападот кон голот на Столе Димитриевски.

„Македонија тактички целосно ја ‘умртви’ Португалија. Погледнувајќи го оној висок пресинг, поставеност на дефанзивците на дури 35-40 метри очигледно е дека македонската селекција и тоа како ги следи модерните фудбалски текови уште еднаш потврдувајќи дека не случајно обезбеди финале од баражот за СП. Доколку не беше грешката на Ристовски во првото полувреме, можеби ќе следевме уште еден натпревар како во Палермо, затоа што очигледно беше дека Португалците делуваа импотентно во желбата да изградат акција за погодок“ – се вели во фудбалските анализи.

Нагласена е одличната игра на македонскиот дефанзивен двоец Муслиу и Дарко Велковски, како и на последните играчи за врска задолжени за блокада на акциите во средниот ред на домашните.

„Успешно беше ‘заробен’ и Кристијано Роналдо од македонската одбрана кој на моменти делуваше и исфрустрирано. Но, Македонија со своите грешки при двата гола едноставно и даде живот на Португалија која умешно знаеше сето тоа да го искористи за на крајот заслужена победа и пласман на Светското првенство во Катар“.

Се вчитува...