Ливерпул игра одлично и реди победи во сите натпреварувања, а навивачите добија уште една извонредна вест – Мохамед Салах ги намалил условите што ги барал од управата и сега е подготвен да потпише нов договор со клубот предводен од Јирген Клоп. Веста прв ја објави британскиот весник „Мирор“, кој повикувајќи се на извори блиски до управата најавува дека договорот би можел да биде потпишан во текот на овој месец.
Актуелниот договор на Салах истекува во јуни 2023 година, па на челниците на клубот им се брза што поскоро да договорат продолжување на соработката, или да почнат да размислуваат за негова продажба во текот на летово. Преговорите долго беа блокирани поради инсистирањето на Салах на плата од 500.000 фунти неделно, нешто што Египќанецот смета дека го заслужува како најдобар играч во Премиер-лигата, а Ливерпул јасно стави до знаење дека нема намера да го плати.
Конечно, пронајден е заеднички јазик откако Салах се согласил на понуда од 400.000 фунти неделно (вкупно, со бонуси што се лесно остварливи). За возврат, Ливерпул наместо на три, новиот договор ќе го потпише на четири сезони, со што ќе се осигура дека „фараонот“ ќе остане на „Енфилд“ до крајот на својата кариера.
Јирген Клоп во изјавите во изминатиот период не криеше дека очекува Салах да потпише нов договор, дури и во моментите кога многу се пишуваше за незадоволство на египетскиот ас поради „недоволната почит од управата“ и потенцијалните понуди од ПСЖ, Јувентус и од Барселона.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

