Кумановци со значајна победа за опстанок

Кошаркарите на Куманово триумфираа на гостувањето против МЗТ Скопје 2 со резултат 62-70, стигнувајќи до значајни бодови во пресрет на плејаут – натпреварувањето. Евентуален пораз денеска ќе значеше сериозно компликување на ситуацијата во борбата за опстанок, но со победата во „Јане Сандански“ кумановци се одлепија сериозно од дното на табелата.

Првата четвртина беше израмнета (20-21), но кумановци клучната предност ја создадоа во вториот период што го добија со 13-23. Младите „штркови“ немаа сили за камбек, дури во самата завршница се приближија на шест поени негатива, но не можеа посериозно да го загрозат триумфот на гостинскиот состав. Андоновски промаши две слободни фрлања, а Доган еден „пенал“ при 59-65 на една минута до крајот, по што Куманово го приведе мечот до крај, со конечните 62-70.

Марјанови со 25 постигнати поени беше најзаслужен за оваа победа на Куманово, додека прв стрелец на МЗТ Скопје 2 беше Лука Петрски со 19 поени. Целосно потфрли Американецот Ренсом, кој постигна скромни осум поени со шут од поле 2/16.

Се вчитува...