МЗТ Скопје: Завршниот турнир во АБА 2 ќе биде од хуманитарен карактер, средствата ќе одат во фондацијата „Марко Божиновски“

МЗТ Скопје од 13. до 17. април ќе биде домаќин на завршниот АБА 2 турнир кој ќе се игра во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје. Тимот од Аеродром ќе се обиде на домашен терен да успее да го освои Ф8 турнирот и со тоа да се врати во АБА лигата.

Како што информираат од клубот сите средства собрани од турнирот ќе завршат во фондацијата „Марко Божиновски“.

„Како што најавивме, завршниот турнир од НЛБ АБА2 лигата (13-17 април) ќе има хуманитарен карактер, што значи дека продажбата на карти за сите средби ќе оди преку фондацијата „Марко Божиновски“, која потоа ќе ги пренасочи собраните средства онаму каде што е најпотребно. На тој начин нашиот клуб, заедно со општина Аеродром, уште еднаш ќе му оддадеме почит на нашиот голем навивач и кадетски и јуниорски ракометен репрезентативец на Македонија, кој неочекувано почина пред 10 месеци.
Планирано е да има блок билет, кој ќе чини 300 денари кој важи за целиот турнир, како и поединечен билет за секој натпревар по цена од 100 денари. Цените се симболични, но доволни од целиот турнир да се собере солидна вкупна сума, која и тоа како ќе биде помош за тие на кои им е неопходно, а на кои ќе им биде пренасочена од луѓето од фондацијата „Марко Божиновски“. Продажбата на билетите почнува в четврток (7 април), а ќе може да се купат преку интернет-сајтот www.mktickets.mk, преку продажните места на МК Тикетс во Скопје и низ целата Македонија, како и на билетарата пред спортскиот центар „Јане Сандански“. Целта на МЗТ Скопје Аеродром е триумф и пласман во Адмирал бет АБА1 лигата, за што, секако, ни е потребна вашата помош. Затоа, дојдете на трибините и во исто време со френетична поддршка помогнете им на нашите кошаркари, а со купување на билет(и) да им помогнете на тие што таа им е најнеопходна“, стои во соопштението на клубот.

Се вчитува...