Игор Стојчевски ќе суди на европското првенство во Израел

Најмладиот македонски меѓународен фудбалски судија, кој само 18 месеци се наоѓа на листата на УЕФА, Игор Стојчевски доби големо признание, не само тој туку и судиската организација на Фудбалската федерација на Македонија. Oдреден e да биде еден од младите перспективни европски судии, кои ќе судат на претстојното Европско првенство, играчи до 17 години што ќе се одржи од 16 мај до 1 јуни во Израел. Заедно со него ќе патува и помошниот судија Даниел Василевски од Скопје.

За овие 18 месеци колку што е на меѓународната листа Стојчевски судеше на два квалификациони турнири, играчи до 17 години за настап на Европското првенство на кои со својата арбитража остави добар впечаток кај контролорите на УЕФА по што следеше и ова признание. Во Португалија судеше два натпревари: Велс-Луксембург и Велс-Казахстан. Потоа во Хелсинборг во Шведска беше главен судија на натпреварите меѓу Данска-Шведска и Данска-Швајцарија. Судеше и на мечевите Андора-Англија /играчи до 19 години/, Елбасан-Септември /Софија/, Лига на шампиони млади, а беше и главен судија на пријателската средба на репрезентациите на Бугарија и Грузија. /М.М/

Се вчитува...