Адеми: Повредите нема да ме спречат, поддршката од фановите ми дава сила за да го дадам најдоброто од себе!

Репрезентативецот на Македонија, Аријан Адеми по речиси два месеци првпат конечно одигра цел меч од 90 минути за Динамо Загреб, а синоќа успеа и да биде херојот на својот тим. Адеми постигна гол со кој Динамо ја победи Риека во дербито за титула (1-2).

По ваквиот исход, „модрите“ направија огромен чекор кон одбрана на шампионскиот трофеј. Адеми победничкиот гол го постигна во 86-та минута, негов втор сезонава. Тој во изјава за медиумите истакна дека постојано се бори со повредите, па воедно се заблагодари на поддршката од фановите.

„Повредите нема да ме спречат, поддршката од фановите ми дава сила за да го дадам најдоброто од себе, многу ми е драго што ѝ помогнав на екипата и што сѐ вака заврши“, вели Адеми.

Аријан истакна дека секој бод до крајот на сезоната ќе биде од големо значење, па потенцираше дека тој и неговите соиграчи се наоѓаат пред голем предизвик.

„Оваа победа многу ни значи, се бориме за титула, секој бод е важен и одиме понатаму. Нѐ чека тешка борба, имаме уште доста дербија… Сега веќе нема никој право на кикс“, додава Адеми.

Динамо сега е лидер со 63 бода, два повеќе од вториот Осиек, но со меч помлку од првиот ривал.

Се вчитува...