Македонскиот репрезентативец Бојан Миовски, крајно неочекувано, во пролетниот дел од сезоната во унгарскиот шампионат добива малку шанса за настап во МТК, кој под водство на новиот тренер Габор Мартон веќе е насочен кон напуштање на елитното друштво.
А, дека е најдобриот фудбалер во клубот со неоправдана „изолација“ од страна на тренерот на МТК, Миовски потврди и на вчерашниот натпревар против Мол Фехервар кој заврши без победник 1-1.
Македонскиот напаѓач иако доби шанса само во последниот дел до натпреварот, во 87. минута извонредно реагираше потврдувајќи ги своите голгетерски способности постигнувајќи ефектен погодок, кој за жал оправдано беше поништен поради офсајд позиција.
МТК е на дното од табелата во унгарската лига, иако по есенскиот дел беше во повеќе од поволна позиција за опстанок во шампионатот. Унгарската фудбалска јавност и тоа како е зачудена поради игнорантскиот однос на тренерот кон Бојан Миовски кој во есенскиот дел од првенството и низ подготовките беше убедливо најдобриот фудбалер на тимот, прогласен и за статистички најефикасниот стрелец во Унгарија.
Тренерот на МТК, Габор Мартон веќе се посочува како единствениот виновник за испаѓање на клубот кој е со пет активни репрезентативци, токму и поради односот кон дел од најдобрите фудбалери на тимот меѓу кои и Миовски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

