Европа ќе добие нов шампион, откако вечерва Челси испушти голема шанса да се избори за полуфинале, и да се обиде да го одбрани трофејот. Лондонските „сини“ имаа 0-3 во регуларниот дел, но Родриго во 89. минута намали на 1-3, и го врати Реал во живот. Потоа натпреварот замина во продолженија.
Карим Бензема, а кој друг? Моментално најдобриот напаѓач во светот со гол во 96. минута го донесе Реал блиску до пласман во полуфиналето. По една грешка на средината на теренот, Винициус проби по левата страна, центрираше до Бензема, кој со глава го совлада Менди за 2-3, во тие мигови резултат кој целосно им одговараше на „кралевите“.
Челси и во продолженијата имаа за што да жалат, затоа што Каи Хаверц пропушти добра можност во 118 минута, а прилика имаше и Зијеш, која не ја искористи. Така ова беше пораз „кој не боли“ за Реал Мадрид, за пласман во полуфиналето.
Реал Мадрид ќе го чека подобриот од дуелот Манчестер Сити – Атлетико. Сити има предност од 1-0 по првиот меч. Во вториот натпревар денеска, Вилјареал сензационално го елиминираше Баерн Минхен.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

