МЗТ Скопје ја оствари примарната цел, со пласманот во финалето го осигура и учеството во АБА1-лигата за наредната сезона. Сепак, тоа нема да значи никакво опуштање на денешното финале (19 часот, сала Јане Сандански) против Златибор, на кој „металците“ сакаат да ја крунисаат сезоната во регионалното натпреварување со триумф и кревање на победничкиот пехар.
Александар Петровиќ ја оствари главната цел при своето доаѓање, го врати МЗТ Скопје во елитата на регионалното натпреварување, но јасно става до знаење дека нема да дозволи опуштање на денешниот финален меч.
„Она што беше зацртано е остварено, МЗТ е назад во АБА1, но тоа не значи дека денеска ќе ни недостига желба за победа. Максимално сме фокусирани на дуелот со Златибор, бидејќи сакаме да го кренеме пехарот од АБА2 и на тој начин да го заокружиме овој успешен турнир, пред нашите верни навивачи. Со пласманот во АБА1 ќе го немаме оној притисок со кој се соочувавме на претходните две средби, па очекувам да одиграме квалитетен меч, да го покажеме најдоброто лице на МЗТ и да стигнеме до победата и шампионскиот пехар“, вели Петровиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА