Никола Ѓоргиев е на патот да освои уште еден значаен трофеј во својата кариера откако најдобриот македонски одбојкар го предводеше составот на Љубљана до значаен триумф на гостувањето против Калцит, во финалната серија од плејофот во словенечкиот шампионат. Љубљана отпатува со предност од 1-0 во победи на ова гостување, Калцит изненади и поведе со 2-0 во сетови, но Ѓоргиев успеа да го разбуди својот тим, за голем пресврт и конечен триумф од 2-3 во сетови.
Во третиот и четвртиот сет се водеше израмнета борба, но Љубљана успеа да победи со по идентични 22-25, за тимот на Македонецот да издоминира во тајбрејкот и со убедливи 9-15 да стигне до огромна гостинска победа. Токму Никола Ѓоргиев беше најдобар поединец во победничкиот тим со 24 освоени поени, седум повеќе од вториот стрелец Покершник.
Плејофот во словенечкото првенство се игра до три победи, но јасно е дека со оваа предност составот на Љубљана е на добар пат да стигне до нова титула. Серијата од девет трофеи по ред на Љубљана беше прекината минатата година, кога Марибор неочекувано се закити со титулата, но предводена од македонскиот ас екипата од главниот град е на добар пат да се врати на тронот на словенечката одбојкарска сцена.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА