Фото за историја: Да се знае кога Столе и Рајо го освоија „Камп Ноу“

Столе Димитриевски и останатите фудбалери на Рајо Валјекано уште долго ќе го паметат овој 24 април, на кој тимот од мадридското предградие ја совлада Барса на „Камп Ноу“. Ова е првпат во историјата Рајо во една сезона да ги добие двата меча против големата Барселона, воедно и стигнувајќи до прв триумф во каталонскиот фудбалски храм по повеќе од 40 години.

Димитриевски мора да биде горд на она што го покажа, македонскиот голман бранеше извонредно, а особено импресивен беше во финишот, кога одолеа на завршниот притисок на Барса.

Траоре по еден слалом во неговиот шеснаесетник се најде очи в очи, но Столе го запре неговиот обид, нешто подоцна го одбрани и ударот на Алба од далечина и е најзаслужниот што Рајо стигна до цел плен на ова пеколно тешко гостување.

За потсетување, Димитриевски беше кошмар за Барса и на првиот дуел на овие два тима, што Рајо го доби со 1-0, а Македонецот му одбрани пенал на Мемфис Депај.

Се вчитува...