Женската ракометна репрезентација на Македонија на крајот на годинава заедно со Црна Гора и Словенија ќе биде домаќин на Европското првенство со што по пауза од десет години, „црвено-жолтите“ повторно ќе се најдат на едно големо натпреварување.
Избраничките на Љубомир Савевски во ждрепката беа извелчени во групата „Ц“ , а за противнички ќе ги имаат репрезентативките на Франција, Холандија и Романија. Франција е актуелен олимписки првак, Холанѓанките со години наназад се борат за самиот врв на големите натпреварувања, додека Романија е секогаш опасна репрезентација против која Македонија ќе има најголеми шанси за изненадување.
Селекторот Савевски по ждребот вели дека со извлекување на овие противници ќе можеме да видиме најдобро каде сме во моментов, а публиката во Скопје ќе може да ужива во играта на најдобрите ракометарки во светот.
„Немавме среќа во ждрепката, но ќе повторам кога си меѓу 16 најдобри во Европа нема лесни противници. Цело време зборуваме за тоа како треба да видиме до каде сме и потребни ни се натпревари со посилни противници, па сега тоа и ќе го видиме. Ние добивме шанса да се надигруваме со силни репрезентации, а публиката во Скопје ќе има можност да ужива во играта на најдобрите ракометарки во светот“, изјави Савевски за ЕКИПА.МК.
Европското првенство ќе се одржи од 4. до 20. ноевмри, а Скопје и СЦ „Борис Трајковски“ ќе бидат домаќини на прелиминарната и главната групна фаза.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА