Новиот македонски шампион Шкупи на првиот свој натпревар по освојувањето на титулата на гостување во Штип против Брегалница во 30. коло од Првата македонска фудбалска лига.
Утрешниот натпревар на Градскиот стадион е повеќе од интересна пресметка меѓу два квалитетна тима, и покрај тоа што е без резултатско значење за двата состави. Сепак, повеќе од јасно е дека „сините“ и тоа како се желни за докажување на квалитетите токму против новиот македонски шампион.
Младинскиот репрезентативец Јован Манев истакнува дека сите во тимот се подготвени за максимален ангажман и игра за навивачите на кои сакаат да им пружат квалитетна фудбалска претстава.
„Верувам дека ќе биде тоа квалитетен натпревар меѓу два одлични тима. Постои мотив и желба кај нас да се претставиме во вистинско светло токму против новиот македонски шампион, и со освојување на бодовите да ги израдуваме нашите навивачи. Очекувам полн стадион во Штип и секако поддршка за нас како би стигнале до позитивен резултат токму против најдобриот тим во лигата“ – вели Манев.
Натпреварот се игра утре (30. април) со почеток од 17 часот на Градскиот стадион во Штип, а главен судија на натпреварот е Јован Качевски од Струга.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА